Во интервју за германската телевизиска мрежа ЗДФ, германскиот министер за економски прашања, Питер Алтмаер, ги повика земјите-членки на ЕУ да ги следат стапките на Берлин и да го прекинат извозот на оружје во Ријад поради смртта на саудискиот новинар Џамал Kaшоги.
„Важно е да дојдеме до заеднички европски став бидејќи само ако сите европски земји се согласни, тоа ќе остави впечаток врз владата во Ријад. Нема да има никакви ефекти ако го запреме извозот на оружје, а други земји во исто време ја пополнуваат празнината”, истакна Алтмаер.
Тој објасни дека целта е да се зголеми притисокот врз саудиските власти, велејќи дека Берлин не е задоволен од сегашните објаснувања на Ријад во врска со случајот Кашоги.
„Германската влада е согласна дека засега нема да го одобриме понатамошниот извоз на оружје во Саудиска Арабија бидејќи сакаме да дознаеме што се случи”, додаде Алтмаер, посочувајќи на смртта на Кашогги.
Неговата изјава доаѓа откако германската канцеларка Ангела Меркел во неделата рече дека Берлин ќе го запре извозот на оружје во Ријад поради скандалот околу смртта на Кашоги.
Нејзините зборови ги повтори и германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, кој истакна дека Берлин не треба да одобри понатамошна продажба на оружје во Саудиска Арабија до крајот на истрагата за случајот Кашоги.
Претходно, саудискиот министер за надворешни работи, Адел ал Џубеир, му изрази сочувство на семејството на Кашоги, велејќи дека неговата смрт била ужасна грешка и дека принцот Мохамед бин Салман не бил запознаен со инцидентот.