Свет 17. јули 2020. / 13:30

Германија развива нов тест за Ковид-19: Резултати за 15 минути, се тестира преку раствор за плакнење на уста

Германија развива нов тест за Ковид-19: Резултати за 15 минути, се тестира преку раствор за плакнење на уста

Фармацевти на германскиот универзитет „Хале-Витенберг“ развиле начин за откривање мали количини корона вирус во раствор за миење на устата, користејќи техника што може да се употреби за тестирање.

Студијата користеше примероци на раствор со кој пациентите заразени со новиот коронавирус ја плакнеле устата, успешно откривајќи го вирусот со помош на масена спектрометрија. Новиот метод мора дополнително да се разработи пред да може да се користи како стандардна дијагностичка алатка за да се надополнат постојните тестови на корона вирус – се наведува во соопштението на Универзитетот.

Овој тест е мошне специфичен, затоа што таргетира протеински компоненти кои постојат само во новиот корона вирус, познат и како Сарс-КоВ-2.

Ние ги мериме пептидите што доаѓаат од вируси, а не од генетски материјал – вели Андреа Синц, која работи на студијата.

Во моментов се потребни 15 минути за да се добијат резултатите од тој тест, а тие се значајни дури и со мали количини на раствор за плакнење. Тим на фармацевти работи на скратување на времето за тестирање.

Научниците сметаат дека доколку тестот се покаже како успешен, мерењата би можеле да ги спроведува и неспецијалистички персонал.

Иако новиот метод нема да биде достапен веднаш, Синц вели дека се надева оти тестот би можел да биде во функција за неколку месеци.