Свет 15. април 2020. / 15:55

Германија размислува за прв чекор кон нормализирање на животот

Германија размислува за прв чекор кон нормализирање на животот

Германската Влада размислува за можноста за ублажување на мерките воведени во борбата против корона вирусот.

Официјални претставници тврдат дека затворањето на училиштата и многу фабрики, продавници и ресторани во текот на минатиот месец дало резултати во борбата против епидемијата и дека германските болници се добро опремени за лекување на пациенти заразени со корона вирус.

Меѓутоа, тие, исто така, предупредуваат дека е долг патот до целосна нормализација на животот во земјата.

Од Институтот „Роберт Кох“ предупредуваат дека е се уште рано за ублажување на мерките и дека и натаму е висок секојдневниот број на новозаразени, иако полека доаѓа до забавување на ширењето на епидемијата.

Директорот на Институтот, Лотар Вилер, наведе дека едно заразено лице во Германија заразува околу 1,2 други лица и дека тие сакаат оваа бројка да биде помала од еден. Тој апелираше до германските граѓани да бидат трпеливи и да продолжат да ги почитуваат мерките на социјално дистанцирање.