Свет 08. октомври 2019. / 15:04

Германија предупредува на реприза на мигрантската криза од 2015

Германија предупредува на реприза на мигрантската криза од 2015

Германија денеска предупреди дека повторно би можело да се случи хаотичен прилив на мигранти каков што е забележан во 2015 година, додека Грција и Кипар на состанокот на министри на ЕУ предупредија на алармантно зголемен број мигранти кои пристигнуваат од соседна Турција.

Министрите се состанаа во Луксенбург за да разговараат за мигрантската криза во момент кога Грција одново стана главната рута кон Европа за луѓето кои бегаат од војни и сиромаштија на Блискиот исток, во Азија и Африка.

– Ако дозволиме сите земји на надворешните граници на ЕУ сами да се справат со миграциите, никогаш нема да има заедничка европска политика за барателите на азил, изјави германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер.

Тој предупреди дека ако нема заедничка европска политика по тоа прашање, постои опасност дека одново ќе дојде до неконтролиран прилив на мигранти.

Притисокот врз пренаселените грчки прифатни центри во Егејското море расте, а во август е забележан најголем месечен прилив на мигранти од потпишувањето на договорот помеѓу ЕУ и Турција во 2016 година, со кој значително се намали бројот на доаѓања.

Хуманитарната организација Оксим наведува дека 12 илјади мажи, жени и деца во моментов се наоѓаат во кампот Морија на Лезбос, кој е предвиден за сместување на 3.100 лица.

– Децата во Морија се во многу загрижувачка позиција, се вели во соопштението на Оксим и се истакнува дека има многу малолетници во тој камп без придружба и нега од возрасни.

ЕУ стравува дека би можело да се повтори мигрантската криза од 2015 година, која доведе до сериозни поделби меѓу земјите од тој блок, пораст на поддршката на популистичките, анти-имиграциони, евроскептични и крајно десничарски политички партии.

Податоците на Обединетите нации покажуваат дека досега само оваа година во Европа влегле 45.600 мигранти.