Германската министерка за интеграција, Анет Видман-Мауц, имајќи ги предвид повеќето силувања каде што сторители беа млади бегалци, бара задолжителни курсеви за сексуално образование за бегалците и барателите на азил кои доаѓаат во Германија.
-Сите баратели на азил и бегалци мора веднаш по пристигнувањето во Германија уште во прифатните центри да поминат курс што ќе им даде увид за животот во Германија, а тука спаѓа и сознанието дека овде е во сила нулта толеранција кога станува збор за сексуална злоупотреба и насилство- изјави Видман-Мауц во интервју за медиумската група „Редакциска мрежа Германија“ во четвртокот.
Таа реагирајќи на серијата случаи на силување во кои сторители беа бегалци од Ирак, Сирија и Авганистан, од кои последниот се случи во Фрајбург, каде што група Сиријци силуваа студентка, најави воведување на институцијата ментор. Тоа би биле мажи кои долго време живеат во Германија и кои треба да им ги објаснат на новодојдените правилата на однесување во Германија.
За сторителите на групното силување во Фрајбург, Видман-Мауц бара најтешка казна.