Свет 03. јули 2018. / 10:54

Германија ќе ги враќа мигрантите во државите каде прв пат аплицирале за азил

Германија ќе ги враќа мигрантите во државите каде прв пат аплицирале за азил

Германската канцеларка Ангела Меркел синоќа соопшти дека на вчерашниот кризен состанок со најмалиот коалициски партнер во нејзината Влада, Христијанско социјалната унија (ЦСУ), по „тешка битка“ е постигнат компромис за миграцијата, кој предвидува изградба на транзитни центри на границата на Германија со Австрија.

Според Меркел, договорено е од тие центри мигрантите да бидат вратени во земјите во кои претходно биле регистрирани.

„Со тоа е зачуван духот на партнерство во Европската унија. Истовремено ќе бидат преземени национални мерки, со цел подобро да се управува со миграцијата“ изјави Меркел.

Меркел се согласила да ги заостри контролите на австриската граница, за да ги спречи мигнрантите, кои аплицирале за азил во другите држави во ЕУ, да влезат во Германија. Мигрантите ќе останат во транзитните центри се додека не бидат вратени назад во државата во која претходно биле регистрирани, пишува ББС.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, претходно изјави дека во Македонија не се предвидува градење на бегалски кампови.

Инаку лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер исто така потврди дека е постигнат договор за „илегална миграција“ и додаде дека останува министер за внатрешни работи на Германија.

„По интензивни разговори постигнавме договор за тоа како можеме во иднина да спречиме илегална имиграција на границата меѓу Германија и Австрија“, рече Зехофер по синоќешната средба со Меркел во Берлин.

Тој претходно се закани со оставка на функциите министер за внатрешни работи и лидер на ЦСУ,, ако Меркел не прифати контрола на границата, што би опфатило и враќање на некои мигранти од германската граница.