Свет 31. март 2020. / 12:39

Германија ќе ги користи јужнокорејските искуства за борба против корона вирусот

Германија ќе ги користи јужнокорејските искуства за борба против корона вирусот

За борба со епидемијата на корона вирусот Германија ја воведува стратегијата што ја употреби Јужна Кореја, а којашто се состои од многубројни тестирања и сместување на заболените во карантин, за да спречи преоптоварување на болниците.

Германија често се истакнува како пример во Европа поради пристапот кон епидемијата. Германија спроведува помеѓу 300 и 500 илјади тестирања на корона вирусот неделно, повеќе од нејзините европски соседи, особено Франција каде што се тестираат само тешко заболените.

Во документот што го објави Министерството за внатрешни работи со стратегијата, по примерот на Јужна Кореја, ќе бидат тестирани најмалку 200.000 луѓе дневно.

Во документот се наведува дека ќе се тестираат сите што се сомневаат дека имаат корона вирус, како и сите што биле во контакт со заболен.

Тестирањата во овој момент се вршат на заболени лица што биле во контакт со лица позитивни на вирусот.

Во документот исто така се оценува дека геолокациите на заразени лица, нешто што користеше официјален Сеул, се „долгорочно неизбежни“ со цел популацијата да може да ги следи местата на кои се наоѓаат лицата позитивни на корона вирусот.

– Јужна Кореја може да биде пример и покрај културните разлики помеѓу двете земји – истакна Лотар Вилер, официјален претставник на Институтот Роберт Кох, задолжен за борба со епидемијата во Германија.

Во Германија веќе се води расправа бидејќи во прашање е заштита на лични податоци, што Германците го сметаат за нешто многу важно по две диктатури во 20 век.

Во оваа фаза Германија има 650 починати лица, а 13.500 се оздравени од вкупно 67.051 заразени, така што ситуацијата не е ни одблиску толку страшна како во другите земји.