На Германија во следните 40 години ќе ѝ требаат 260.000 доселеници годишно за да го надомести недостигот на работна сила, покажа студијата на Фондацијата Бертелсман чии резултати беа објавени вчера.
–Германија во иднина ќе зависи не само од доселениците од земјите на ЕУ, туку и надвор од неа, стои во заклучоците од студијата на Фондацијата Бертелсман.
Во спротивно, бројот на вработени во Германија до 2060 година ќе се намали за 13 милиони.
Според студијата што за потребите на Фондацијата ја спроведоа Институтот за истражување на пазарот на труд и Високата школа во Кобург, бројот на доселеници од земјите на ЕУ од актуелните 250.000 годишно би можело во следниве години двојно да се намали. Токму поради тоа, Германија засилено ќе се ориентира кон доселеници од земји надвор од ЕУ.
–Моментално, вкупно 38.000 професионалци годишно доаѓаат од земји кои не се членки на ЕУ. Таа бројка би требало да се зголеми на 150.000, стои во извештајот од студијата.
Како една од главните причини за драстичното намалување на бројот на професионалци се наведува периодот на пензионирање на припадниците на т.н. бејби бум генерација, родени од средината на 50-тите до крајот на 60-тите години на минатиот век.
Студијата веќе тргнува од тоа дека старосната граница за пензионирање била подигната на 70 години и дека ќе се изедначи бројот на мажи и жени кои активно работат.
Во резултатите од студијата им се советува на политичарите законот за доселување на стручна работна сила, што моментално е во парламентарна постапка, да почне да се применува „со полна пареа“ што е можно побрзо.
Социјалдемократската партија на Германија (SPD) која заедно со Демохристијанската Унија (CDU/CSU) ја сочинуваат владата, апелираше до коалициските партнери да се забрза постапката за стапување во сила на законот за доселеници што во Кабинетот беше прифатен кон крајот на минатата година.
Според информациите на Сојузната агенција за вработување, во Германија освен висококвалификувани работници недостигаат и работници со средна стручна спрема и работници од градежен сектор.