Германската влада ќе го прошири системот за издавање на шестмесечни визи со кои им се дозволува на луѓето надвор од Европската унија да бараат работа, како обид да се надмине недостатокот на квалификувани работници.
Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, рече дека визниот систем, моментално достапен за лица со универзитетска диплома, ќе биде проширен и на лица со стручни квалификации.
Зехофер наведе дека Германија не сака имиграција која зависи од системот за социјална помош. Барателите на виза мора да докажат дека може да се издржуваат и да зборуваат на германски јазик.
Министерот за труд, Хубертус Хајл, рече дека владата се договорила за прагматично решение за одбиените баратели на азил кои имаат работа во Германија и се добро интегрирани.
Тој кажа дека владата има намера да им обезбеди сигурен статус, со цел да не се враќаат назад погрешни луѓе, а потоа повторно да се регрутираат квалификувани работници од трети земји.