По предупредувањето кое британската амбасада во Приштина го испрати кон своите граѓани да не патуваат во северниот дел на Косово и Метохија и германското Министерството за надворешни работи издаде предупредување за германските државјани да не патуваат во општините Зубин Поток, Лепосавиќ, Звечан и Северна Митровица бидејќи, како што се наведува во соопштението, ситуација во таа област и натаму е напната.
–Иако насилството обично не е насочено против странци, не може да се исклучи фактот дека можни се изолирани инциденти кои би ја загрозиле безбедноста и би ја ограничиле начелната слобода на движење, се вели во препораките на Министерството за надворешни работи на Германија.
Во соопштението, објавено на официјалната интернет-страница на Министерството, се потсетува и дека на 16 јануари 2018 година бил убиен познатиот косовско-српски политичар Оливер Ивановиќ, во северниот дел на Митровица, поради што германското министерство препорачува граѓаните пред да отпатуваат во северниот дел на Косово да се информираат за ситуацијата и внимателно да го подготват патувањето. Исто така, германските државјани се советуваат, доколку е можнo, на индивидуални патувања да бидат во придружба на локални водичи, пренесува „Дојче веле“.