Германската полиција уапсила маж кој повеќе пати влетал со автомобил меѓу луѓе и повредил најмалку пет лица.
Властите веруваат дека станува збор за намерни напади на странци.
Четири лица се повредени во Ботроп на западот на Германија, а една во околниот Есен, додека пешаците успеале да го избегнат удар на автомобилот уште во два обида за напад во тие градови, навела полицијата.
Високиот претставник за безбедност, Херберт Ројл изјавил дека напаѓачот “имал јасна намера да убие странци“, пренесува агенцијата „ДПА“.
Меѓу повредените има сириски и авганистански државјани, 46 годишна жена се здобила со повреди опасни по живот, а повредено е и едно дете. Нападите почнале набргу после полноќ додека луѓето ја славеле Новата година на улиците.
Возачот, 50 годишен Германец, прво се обидел да удри во група луѓе во Ботроп, но не успеал. Потоа возел до центарот на градот каде влетал со автомобилот во маса луѓе и повредил четири лица. Оттаму отишол во Есен, каде два пати се обидел да собори луѓе и повредил едно лице пред полицијата да го уапси. Напаѓачот, чие име не е објавено, осомничен е за обид за убиство.
Полицијата навела дека при апсењето изнел негативни коментари на сметка на странците и оти има индиции дека претходно бил лекуван поради психички проблеми.