Свет 25. декември 2019. / 21:15

Германците повеќе му веруваат на Макрон отколку на Меркел

Германците повеќе му веруваат на Макрон отколку на Меркел

Мнозинството Германци имаат најголема доверба во францускиот претседател Емануел Макрон, повеќе и од довербата што ја имаат во германската канцеларка Англеа Меркел.

Истражувањето на институтот „Кантар“ покажа дека 57 отсто од Германците имаат најголема доверба во Макрон, додека на германската канцеларка и веруваат „само“ 53 отсто од Германците, тврди институтот.

Ако работите со довербата се гледаат од друг агол разликата е уште поголема, затоа што 44 отсто од Германците навеле дека немаат доверба во Меркел, додека само 32 отсто кажале такво нешто за Макрон.

Макрон е најомилен меѓу германските гласачи на Зелените ( 75 отсто) , но и меѓу социјалдемократите (73 отсто).

Интересен е и податокот дека доверба во Макрон имаат и 42 отсто од гласачите на десничарската Алтернатива за Германија (АФД).

Рускиот претседател Владимир Путин не е омилен државник за Германците бидејќи нему не му веруваат дури 67 отсто од испитаниците. Меѓутоа, најнеомилен за нив е американскиот претседател Доналд Трамп, кому не му веруваат 89 отсто од испитаниците.

Зад него е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган кон кого поддрша покажуваат само шесто отсто, а недоверба 86 отсто од Германците. По него, следува британскиот премиер Борис Џонсон кому му веруваат само 12 отсто Германци.