„Никогаш не сме биле сведоци на згаснување на светската економија во историјата на ММФ“, оцени директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева на онлајн конференцијата за медиуми на која присуствуваше и првиот човек на Светската здравствена организација (СЗО).
„Сега сме во рецесија. Тоа е многу полошо од глобалната финансиска криза, пред една деценија”, додаде таа.
Над 90 земји побарале итна финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд поради пандемијата на коронавирус што доведе до невидена економска криза, соопшти Георгиева, според која најтешко погодени се економиите во земјите во развој и растечките економии кои изгубиле скоро 90 милијарди американски долари.
Георгиева најави дека ММФ ќе ја искористи својата резерва за вонредна состојба од 1 трилион американски долари за да им помогне на погодените економии, вклучувајќи ги и африканските земји кои инаку би требало да избираат меѓу борбата против новиот коронавирус и исхрана на населението.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Габриезус ги повика земјите да не наплаќаат медицински услуги и да обезбедат бесплатно тестирање и здравствена заштита за случаите од „Ковид-19“.
„Ако одложуваат или се откажат бидејќи не можат да си го дозволат тоа, тие не само што си наштетуваат самите, туку ја отежнуваат контролата на пандемијата и го ставаат во ризик општеството“, рече тој.