Истражувања во Франција покажале дека никотинот можеби штити од корона вирусотот, а како што објавува „Гардијан“, во подготовка се превентивни и терапевтски студии на пациенти кои ќе се спроведат во болницата во Париз, Ла Пити-Салпетриер.
Хипотезата за заштитното влијание на никотинот се потпира на нискиот процент на пушачи меѓу пациентите хоспитализирани поради Ковид-19 низ светот, а добила солидна потврда во новата француска студија на 350 пациенти на болничко лекување и уште 150 од нив со благи симптоми.
Меѓу нив само пет отсто се пушачи, што е неразмерно помалку отколку што ги има во целата популација – рекол професорот за интерна медицина Захир Амоура, кој го спровел истражувањето.
Хипотезата е дека никотинот се лепи на рецепторите на клетките кои ги користи и коронавирусот и така ги спречува да ги „киднапираат“ клетките, бидејќи ковид-19 влегува во клетката и почнува да се размножува“, открива професорот Жан-Пиер Шангжо.
Светски познатиот невробиолог е специјалист за никотинските рецептори и е еден од авторите на текстот кој на таа тема е објавен во магазинот на француската академија за науки.
Како што појаснил професорот Амоура, кога ќе добијат зелено светло, што се очекува од министерот за здравство Оливие Веран, никотинските фластери ќе бидат применети во различни дози во три испитувања – како превентива на медицинските работници, да се види дали ги штити, како терапија на хоспитализираните пациенти за да се види дали ги ублажува симптомите и конечно, на заболените со тешка клиничка слика на одделението за интензивна нега.
Научниците, сепак, истакнуваат дека студијата нема за цел и не треба да ги поттикнува луѓето да пушат цигари. затоа што, како што потенцираат, никотинот и понатаму е штетен за срцето, белите дробови и општото здравје.