Свет 31. август 2018. / 12:44

Франција: Забрана за пестициди кои убиваат пчели

Франција: Забрана за пестициди кои убиваат пчели

Во сабота во Франција ќе стапи на сила забраната на пет видови неоникотиноидни пестициди, со што оваа земја го презема водечкото место во борбата против хемикалиите кои се одговорни за драматично намалување на бројот на пчелите.

Одлуката на француските власти е поздравена од пчеларите и активистите за заштита на животната средина, но на неа се противат одгледувачите на житни култури и шеќерот, тврдејќи дека немаат ефективна алтернатива за заштита на нивните култури од паразити.

Во Европската Унија постои забрана за три типа на неоникотиноиди во култури – клотианидин, имидаклоприд и тиаметоксам.

Франција отиде чекор подалеку и забрани уште два вида, тиаклоприд и ацетампирид, но не само во отворени полиња, туку и во оранжериите.

И Канада најави дека има намера да ги отстрани клотианидинот и тиаметоксамот од употреба.