Францускиот премиер Жан Кастекс, вчера изјави дека имунизацијата против коронавирусот во Франција може да започне во последната недела од декември, ако властите на Европската унија ја одобрат вакцината Pfizer / BioNTech следната недела.
Кастекс пред парламентот рече дека кампањата во Франција ќе биде засилена во јануари и потврди дека најстарите ќе бидат приоритет.
Здравствените власти се надеваат дека ќе вакцинираат околу еден милион луѓе во домовите за стари лица во јануари и февруари, а потоа уште 14-15 милиони граѓани во периодот од март до јуни.
Франција веќе порача 200 милиони дози вакцини.
1.160.000 дози треба да бидат примени до 30 декември, дополнителни 677.000 дози околу 5-6 јануари и уште 1,6 милиони во февруари.
Да потсетиме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен предложи земјите-членки на ЕУ да ја започнат кампањата за имунизација против коронавирусот во исти ден.
-Да започнеме заедно и заедно да го уништуваме овој страшен вирус, додаде таа.
Вчера, Европската агенција за лекови објави дека ќе одржи состанок на 21 декември, на кој може да се одобри вакцината Pfizer.