Шпанија е во хаос. Снежното невреме Филомена ја покри земјата.
Државната метеоролошка агенција соопшти дека ова е најголем снежен пад во Шпанија од 1971 година, а Мадрид снег од 25 до 50 сантиметри последен пат имал во 1963 година.

Граѓаните скијаат по Гран Вју, една од најфреквентните улици, а Мадрид се соочува со многу ладна зима и температури до -14 степени.
Властите ја мобилизираа војската за да спасат луѓе заробени во автомобилите, а досега од автомобилите што останаа завеани на патиштата се извлечени најмалку 1.500 лица.
Во снежната бура Филомена досега загинаа најмалку четири лица. Маж и жена се удавија во река кога автомобилот им потонал во надојдената вода во близина на Малага, додека на истокот од земјата бездомник почина од смрзнување. Четвртата жртва е пронајдена во Мадрид, под големо количество снег.
Министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка ги повика граѓаните да не ги напуштаат своите домови без потреба.
– Се соочуваме со најсилното невреме во последните 50 години, рече тој.

Снегот парализира повеќе од 650 патишта, а некои возачи се завеани во автомобилите.
Училиштата и универзитетите во Мадрид ќе бидат затворени до среда, а аеродромот не е отворен од синоќа. Најмалку 50 летови се откажани.
Одложени се и фудбалските натпревари, вклучувајќи го и денешното дерби Примера Атлетико Мадрид – Атлетик Билбао.
Извор: Бриф