Илјадници луѓе се заробени на плажите на југоистокот од Австралија, откако претходно ги напуштиле своите домови поради пожарите што се шират од силниот ветар, а досега загинале најмалку две лицa.
Околу 4.000 жители и туристи биле присилени од пожарите да ги напуштат домовите и сместувачките капацитети во Малакута, во државата Викторија, каде небото е сосема црно од густиот чад, јави Си-Ен-Ен.
Во раните утрински часови се огласиле сирените кои предупредуваат на непосредна опасност од пожарите, а жителите се упатиле кон плажата, следејќи го планот за евакуација што претходно го изложиле градските власти.
На плажата со граѓаните се наоѓаат три екипи за вонредни систуации.
Американските медиуми наведуваат дека ситуацијата на теренот е апокалиптична. На фотографиите од овој град се гледаат нагласено црвените бои од пламенот, што формира облак од црн чад.
Премиерот на државата Викторија, Даниел Ендрјус, изјави дека е планирана евакуација на заробените луѓе коишто се наоѓаат на брегот од морето.
Ендрјус, исто така, кажа дека четири лица се водат за исчезнати и дека засега не е познато што им се случило.
Тој побара помош од 70 пожарникари од САД и Канада.
Состојбата со пожарите во Викторија и Нов Јужен Велс се влоши по вчерашните исклучително високи температури, силниот ветар и ударите на гром.
Полицијата на Нов Јужен Велс потврди дека двајца мажи, за кои се верува дека се татко и син, загинале во нивниот дом, додека трет маж се води за исчезнат.
Според официјалните податоци, во пожарите во Австралија досега загинале вкупно 12 лица.