Фондацијата на американско-унгарскиот милијардер Џорџ Сорос се пресели од Будимпешта во Берлин и веќе почна со работа. Осумдесетте вработени и нивните семејства се преселија од унгарскиот главен град во Берлин, изјави раководителот на Фондацијата „Отворено општество“, Горан Булдиоски.
Фондацијата на крајот ќе вработи 150 лица, напиша Булдиоски во изјавата испратена по електронска пошта во четвртокот.
Сорос е роден во Унгарија во 1930 година, го преживеал холокаустот, а потоа емигрирал во САД. Тој и неговата фондација се цел на остри критики на унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата десничарска влада.
Летоска Будимпешта усвои закон со кој се воведени давачки за странски здруженија кои им помагаат на бегалците, од кои голем дел имаат поддршка од „Отвореното општество“.
Фондацијата одлучи да ја напушти Будимпешта и да замине во Берлин поради „опкружувањето во Унгарија“. На нејзината веб-страница вели дека нејзината мисија е „да гради активни и толерантни општества чии влади се одговорни и отворени за учество на сите луѓе“.