Свет 21. април 2020. / 10:09

Фон дер Лајен очекува Европјаните да најдат паметни решенија за летните одмори во време на пандемијата

Фон дер Лајен очекува Европјаните да најдат паметни решенија за летните одмори во време на пандемијата

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави оти очекува дека Европјаните ќе најдат „паметни решенија“ кои ќе им овозможат да одат на годишен одмор и покрај пандемијата на корона вирусот.

Можеби одењето на одмор ќе биде малку поразлично, со други хигиенски мерки и со малку повеќе физичка дистанца, но ќе биде импресивно да се види дека ќе најдеме решение – изјави Фон дер Лајен во интервју за весникот „Експресо“.

Фон дер Лајен оценува дека е добро што земјите од ЕУ почнуваат да ги укинуваат рестриктивните мерки, но предупреди дека владите мора да постапуваат внимателно, односно чекор по чекор и секогаш со претпазливост.

Тешко е да се предвиди како ќе биде следниот месец, но гледам дека почнуваме да учиме да живееме со вирусот. Импресионирана сум од решенијата за продолжување на работата на неколку економски сектори – истакна фон дер Лајен.

Во однос на одговорот на ЕУ на пандемијата, Фон дер Лајен признава дека имало „критични моменти“ на почетокот на кризата, но додава дека по неколку дена земјите сфатиле дека не можат сами да управуваат со неа, по што се подобрила и координацијата на европско ниво.