Финска соопшти дека по речиси 30 години повторно ќе отвори амбасада во Багдад со цел повторно да воспостави билатерални односи и да му помогне на Ирак да ја обнови трговијата меѓу двете земји.
Веса Хакинен е именуван за амбасадор на Финска во Ирак, а ќе му помагаат уште четири лица. Амбасадата на Финска за почеток ќе биде сместена во иста зграда со Амбасадата на Шведска.
Финска го повлече својот амбасадор од Багдад пред почетокот на Заливската војна во 1991 година.
Еден од најголемите проблеми помеѓу двете држави претставува враќањето на илјадници Ирачани на кои им е одбиено барањето за азил во Финска. Во 2015 година во Финска пристигнаа околу 20.000 Ирачани.