Двајца вработени во службата за превоз на пари доживеале шок кога утврдиле дека нивниот трет колега од тимот исчезнал заедно со комбето полно со пари.
Возилото набргу било пронајдено, но без 28 годишниот возач и 3.4 милиони евра во кеш.
Осомничениот Адриан Дербе подоцна е пронајден и уапсен во еден стан во Амиен заедно со дел од украдените пари.
Агенцијата „АФП“ наведува дека недостасуваат околу 1.5 милиони евра.
Комбето со пари исчезнало во утринските часови во понеделникот, на 11 февруари, додека тројцата службеници вршеле рутинска испорака на готовината во филијалата „Вестерн јунион“ во Обервиер, предградие на Париз.
Комбето било пронајдено со отворени врати неколку улици подалеку, но без парите и возачот. Полицијата потоа упатила апел да се јават очевидци на настанот и објавила опис и фотографија од Дербе.
Полицијата утредента добила дојава и извршила рација во еден стан во Амиен, каде бил уапсен Дербе додека се обидувал да побегне низ прозорецот.
Во рамките на истрагата уапсени се уште три лица.