Свет 01. декември 2019. / 21:34

Фејсбук првпат посочи одредена објава како „лажна вест“

Фејсбук првпат посочи одредена објава како „лажна вест“

Првпат откако постои, Фејсбук попушти на притисокот од Сингапур и додаде забелешка со корекција на објава за која официјалните лица сметаат дека е „лажна вест“, а била споделена на платформата од блогер.

Фејсбук е законски должен да ви каже дека владата во Сингапур вели дека овој пост има лажна информација – се вели во забелешката, која е вметната на дното на објавата, без никакви измени во оригиналниот текст.

Гигантската социјална мрежа ја прикачи корекцијата на објавата на блогерот со седиште во Австралија Алекс Тан, чија страница, „Стејтс тајмс ривју“, е забранета во Сингапур.

Во објавата се вели дека членовите на локалниот студентски синдикат имале проблеми со полицијата, што Министерството за внатрешни работи го нарече „лажно и неосновано“.

Сингапурскиот закон за заштита од онлајн лаги и манипулации (ПОФМА) ѝ дозволува на владата да прикачи забелешка на содржината што се смета за „лажна вест“. Ова е првпат законот да биде применет на оваа платформа.

Фејсбук обично ги исполнува барањата на владите да блокира содржини што ги прекршуваат локалните закони. Но сингапурскиот закон е првиот што наложил Фејсбук да објави корекција на корисничка објава по наредба на некоја влада.

Фејсбук претходно соопшти дека е „загрижен за аспектите на новиот закон со кои ѝ се даваат широки овластувања на извршната власт во Сингапур да нè принудат да ги отстраниме содржините за кои тие сметаат дека се лажни и да им наметнат владино известување на корисниците“.

Иако компанијата очигледно е загрижена поради објавувањето корекции по владини наредби, Фејсбук долго време тврди дека како „издавач“ има право да цензурира и да блокира непожелен говор.