Свет 29. април 2020. / 22:59

Фаучи: Лекот Ремдисивир има позитивен ефект во заздравувањето на заразените со коронавирус

Фаучи: Лекот Ремдисивир има позитивен ефект во заздравувањето на заразените со коронавирус

Дали светот конечно ќе ја добие првата успешна терапија во борбата против новиот корона вирус? По избувнувањето на светската пандемија, медицинските експерти се обидуваат на различни начини и со различни терапии да најдат начин како да ги ублажат симптомите на Ковид -19, да го скратат периодот на заздравување на пациентите и да ги избегнат најтешките компликации.

Директорот на американскиот институт за алергија и заразни болести, Др Ентони Фаучи, соопшти дека резултатите на спроведеното истражување покажуваат дека лекот Ремдисивир може да го блокира коронавирусот.

Ова истражување не е нокаут за Ковид -19, но секако претставува јасен доказ дека овој лек има позитивен ефект, тврди Фаучи.

Податоците покажуваат дека Ремдисивир има јасен, значаен позитивен ефект во намалувањето на времето за опоравување. Ова е навистина прилично значајно од повеќе причини и ќе ви ги кажам податоците. Многу е значајно. Ако се погледне времето на заздравување во групата со Ремдисивир, тоа изнесува 11 дена наспроти 15 дена,  изјави Фаучи.

Според Фаучи, Ремдисивир покажува и извесно намалување на стапката на смртност кај пациентите , од 11 на 8 проценти. Ремдисивир е лек создаден од компанијата Гилеад, пред една деценија.

Доколку се покаже ефикасен во спречувањето на најтешките компликации од болеста, овој лек секако ќе овозможи и побрзо отворање на економијата на САД, најтешко погодената земја од глобалната пандемија.