Европската комисија поднесе пријава до Судот на правдата на Европската унија против Шпанија и Бугарија, кои Брисел претходно ги повика да ги почитуваат прописите за квалитетот на воздухот.
Европската комисија во мај 2018 година, по десет години предупредувања, одлучи да поднесе пријава против шест членки на Унијата, меѓу кои биле Германија и Франција, поради непочитувањето на регулативите за загадување на воздухот.
Сега е на ред Шпанија за која Брисел смета дека „систематски ги прекршува прописите за количеството на азот диоксид (нуспроизвод при согорување) кои се законски обврзувачки од 2010 година“, се вели во соопштението на Европската комисија. Пречекорувањето на загадување е во урбаните зони на Мадрид, Барселона и во населбата на нејзиниот аеродром.
Емисиите на азот диоксид со фините честички ПМ10 се меѓу главните причинители за загадување на воздухот во ЕУ поради сообраќајните метежи и дизел моторите.
Според Европската агенција за животна средина, во Шпанија од азот диоксид предвремено умираат околу 9.000 луѓе годишно.
Бугарија, која веќе е осудена за непочитување на регулативата за дозволената количина на честички во воздухот, овој пат ѝ се замерува пречекорувањето на граничните вредности на сулфур диоксид, кој потекнува од согорување на фосилно гориво.
Европската комисија ги предупреди Хрватска и Романија поради „систематско непочитување“ на следење на загадувањето на воздухот, додека Грција е повикана да ја подобри заштитата на своите граѓани од емисиите на гасовите од индустријата, предупредување доби и Полска, која ги прекршува одредбите од пресуда на Судот на правдата на ЕУ.