Свет 31. август 2018. / 19:14

Европската комисија ќе побара да има само летно сметање на времето

Европската комисија ќе побара да има само летно сметање на времето

Во средината на август заврши он-лајн анкетата на која дури 80 отсто од вкупно 4,6 милиони Европајци се изјаснија за укинување на различното сметање на времето-летно и зимско.

По ваквиот резултат, денеска претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, во интервју за германската телевизија ЗДФ истакна дека Унијата предлага да се укинине праксата на поместување на стрелките на часовниците за еден час нанапред или наназад на секои шест месеци.

Според него, милиони луѓе во Европската Унија сакаат летно сметање на времето во текот на целата година, за што еврокомесарите треба да донесат одлука до крајот на денешниот ден. Во интервјуто тој рече дека е убеден дека Европската Унија ќе се префрли на летно сметање на времето во текот на целата година.

„Имаше јавна анкета, милиони одговараа и резултатите покажуваат дека огромно мнозинство сака само летно сметање на времето. Така и ќе биде. Ако ги прашувате граѓаните, тогаш ќе го сторите тоа што тие го сакаат.“ – изјави Јункер.

Доколку еврокомесарите донесат одлука, таа станува конечна дури кога ќе ја потврдат владите на сите земји-членки, како и Европскиот Парламент. Со цел да се укине праксата на различното сметање на времето, Унијата спроведе и низа истражувања кои покажаа дека промените во сметањето на времето може да го нарушат распоредот на спиење и да влијаат врз продуктивноста во работата. Има и тврдења летното сметање на времето овозможува повеќе светлина наутро во текот на зимата и го продолжува денот во текот на летото. Еден од најсилните аргументи е дека само летно сметање на времето поттикнува голема заштеда на енергијата.

Досега, голем број земји надвор од ЕУ ја прекинаа практиката на поместување на стрелките, вклучувајќи ги и Русија, Турција, Белорусија и Исланд.