Одлуката без преседан на Европската Комисија да го отфрли нацрт-буџетот на италијанската влада може да тежи врз односите помеѓу Рим и Брисел, но ризикот од санкции не е голем.
Иако беа свесни дека предложениот буџет не е во согласност со европските правила, италијанските власти веќе во понеделникот најавија дека немаат намера да ги ревидираат своите одлуки.
Предвидениот италијански дефицит изнесува 2,4 отсто, што во контекст на еден од највисоките долгови во Европската Унија (132 отсто од БДП) и предвидените структурни реформи на Рим (намалување на возраста за пензионирање, основен граѓански приход, намалување на даноците) носи загриженост дека италијанскиот долг дополнително ќе расте и со тоа ќе донесе нови ризици за еврозоната.
Но, Европската Комисија не е во можност да преземе радикални мерки против Италија.
Рим сега има три недели да одговори на бриселските забелешки.
Европската Комисија, иако има право да отфрли буџет на земја членка, нема надлежност да наметне буџет доколку земјата не прифаќа. Во минатото, земјите членки ги прифаќале корекциите на ЕК, што не е случај со Италија овојпат.
Оттука, ЕУ има можност да отвори “процедура за екцесивен дефицит“. Станува збор за процедура со која се врши притисок врз засегнатата земја за да си ги санира јавните финансии. Можниот краен исход на оваа процедура, теоретски, и доколку во меѓувреме земјата не се усогласи со европските правила, е воведувањето санкции кои можат да достигнат 0,2 отсто од БДП на засегнатата земја. Во случајот на Италија тоа би биле 3,4 милијарди евра.
Во екот на должничката криза во ЕУ, петнаесет земји членки на еврозоната се соочија со вакви процедури, но против ниту една од нив не беше одлучено воведување санкции. Од повеќе причини. Прво, одлуката за санкционирање ја носат земјите членки на Унијата, а потоа воведувањето финансиски санкции врз земја која е веќе во тешка финансиска состојба е многу контроверзна.
Всушност, она на што се надева ЕУ во случајот со Италија сега е, од една страна, дека светските берзи ќе реагираат и дека, со тоа, стравот од покачување на каматните стапки ќе ја наведе Италија да ги ревидира своите буџетски одлуки. Меѓутоа за сега, иако агенцијата Мудис ја намали својата оценка за Италија, реакциите на пазарите не се драматични.
Другата надеж во Брисел е дека притисокот ќе дојде од други земји членки на еврозоната, пред сѐ оние со кревки економии, како Грција, кои би биле првите жртви на потенцијална нова економска криза. Но, со оглед на тоа дека ЕУ се наоѓа во предизборна фаза во која расте стравот од голема победа на екстремиситчките партии, многумина сметаат дека судир со Рим на оваа тема носи со себе преголем ризик од зајакнување на популистичките и антиевропските сили.