Европската Унија ѝ исплатила на Италија милијарди евра за реконструкција на инфраструктурата, одговорија властите во Брисел на обвинувањата на италијанската Влада дека лошата состојба на патиштата во земјата е поврзана со финансиските обврски кон Унијата.
По катастрофалниот колапс на надвозникот во Џенова, при што загинаа најмалку 38 луѓе, италијанскиот министер за внатрешни работи, евроскептичниот Матео Салвини, го обвини Брисел дека полнењето на буџетот на ЕУ го ставил пред безбедноста на луѓето.
„Многу е лесно да се најде некој нa кого ќе му се наметне вина по катастрофа каква што беше онаа во Џенова. Сепак, треба да се погледне на фактите“, напиша на „Твитер“ еврокомесарот за буџет, Гинтер Отингер.
Во период од седум години, од 2014 до 2020, Италија треба да добие 2,5 милијарди евра за патишта и возови, 12 милијарди евра од Фондот за регионален развој, а земјата има добиено и зелено светло за 8,5 милијарди евра наменети за национална потрошувачка, потсети Отингер.
Министерот Салвини во вторникот по несреќата изјави дека надворешните обврски ја спречуваат Италија да троши повеќе пари потребни за безбедноста на училиштата и автопатиштата.
„Затоа, мора да се прашаме дали треба да ги почитуваме ваквите обврски или, пак, безбедноста на Италијанците треба да ни биде на прво место. Очигледно, јас ја бирам втората опција“, рече Салвини.
Следниот ден, тој предложи пари за безбедност да се издвојат од Пактот за стабилност и развој, што е спогодба на земјите членки во врска со фискалната политика.
„Инвестициите кои спасуваат животи, работни места и го обезбедуваат правото на здравје не смеат да бидат дел од ригидните пресметки и регулативи што ги наметнува Европа“, рече Салвини.