Попладнево завршија повеќедневните преговори за челните позиции на Европската Унија. За претседател на Европската Комисија е избрана германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лејен на местото на Жан Клод Јункер.
Фон дер Лејен доаѓа од германската ЦДУ, членка на најбројната Европска народна партија, која за заменик на Јункер го предложи Манфред Вебер. Со тоа отпаѓа лобирањето на Франција, Италија и Шпанија на ова место да дојде социјалистот Франс Тимерманс.
На челното место на Европскиот Совет е избран белгискиот премиер Шарл Мишел. За ова место фаворит беше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Висок претставник за надворешна и безбедносна политика ќе биде Џозеф Борел, на местото на Федерика Могерини. Кристин Лагард, која доаѓа од челното место на Меѓународниот монетарен фонд е предложена за шефица на Европската централна банка.