Во документ на Европската Унија, руските медиуми се обвинуваат за ширење паника на Западот преку дезинформации за вирусот. Во документот во кој увид имал Ројтерс, се наведува дека медиумите почнале „значителна кампања за дезинформирање“, а со тоа и предизвикале паника и посеале недоверба.
-Со пласирање лажни вести на англиски, шпански, италијански, германски и француски на интернет, руската кампања користи контрадикторни, збунувачки и малициозни извештаи за да ѝ отежни на Унијата да одговори на пандемијата, се наведува во извештајот.
Кремљ вчера ги демантираше тврдењата, кажувајќи дека се неосновани и дека им недостига здрав разум.
-Сеопфатната цел на руското дезинформирање е да се влоши кризата на јавното здравство во западните земји… во рамки на пошироката стратегија за обид за поткопување на европските општества, се наведува во документот составен од надворешнополитичкото крило на ЕУ, Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС).
Се додава дека специјализираната база на податоци на ЕУ забележала речиси 80 случаи на дезинформирање за коронавирусот од 22 јануари.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков укажа на недостигот на специфичен пример или врска со одреден медиум во документот на ЕУ.
-Повторно зборуваме за некои неосновани тврдења кои во моменталната ситуација се веројатно резултат на антируската опресија, кажа Песков.
ЕУ и НАТО ја обвинуваат Русија за тајна акција, вклучувајќи дезинформирање, во обид да го дестабилизира Западот со користење на поделбите во општеството. Русија ја демантира таквата тактика, а претседателот Владимир Путин ги обвини странските непријатели дека ја напаѓаат Русија со ширење лажни вести за епидемијата за да предизвикаат паника.
Дезинформациите што ги шират проруските медиуми се засноваат на приказна дека коронавирусот е човечко дело и дека Западот го користи како оружје, се наведува во извештајот што прв го пренесе Фајненшл тајмс.
Истражители од Универзитетот на Кардиф откриле еволуирање на тактиката на медиумите под контрола на Кремљ, пренесе Гардијан.