Земјите-членки на ЕУ се надеваат дека денеска ќе постигнат договор за одложување на Брегзит до 31 јануари, а поран излез би бил можен ако британскиот Парламент го ратификува договорот со Унијата.
Ова за некои светски агенции го изјавиле високи неименувани избори во Брисел, додека „Гардијан“ пишува дека, и покрај забелешките на француската Влада, документот, кој денеска треба да биде договорен, укажува дека ЕУ ќе го прифати барањето на Велика Британија за одложување.
Британскиот премиер Борис Џонсон минатата недела побара тримесечно одложување на Брегзит, до крајот на јануари 2020 година, откако пратениците го отфрлија новиот договор што го постигна со Унијата.
Секое одложување на Брегзит мора да го прифатат сите 27 земји-членки, а приговорите на Франција досега спречуваа таква одлука.
Според најновиот план, Велика Британија би можела да излезе од Унијата на 1 декември или 1 јануари, што зависи од тоа кога Парламентот ќе го ратификува договорот, односно во ноември или декември.
Доколку Велика Британија остане во ЕУ по 31 октомври, европскиот блок ќе побара од Лондон да предложи еврокомесар за новата Европска комисија.
Британскиот Парламент одлучува за вонредни избори
Во меѓувреме, британскиот парламент денеска треба да се изјасни за предлогот на премиерот Борис Џонсон за распишување вонредни избори.
Џонсон, кого членовите на партијата го избраа во јули за да го деблокира ќор-сокакот околу Брегзит, предложи одржување на избори на 12 декември, откако Парламентот не го поддржа договорот за Брегзит кој го постигна со Брисел.
Пратениците денеска ќе гласаат за тоа дали ќе има предвремени избори, но повеќето опозициски партии посочија дека ќе се воздржат или гласаат против овој потег, што значи дека Џонсон веројатно нема да добие поддршка од две третини од пратениците кои му се потребни.
Според анкетата на „Опиниум“, пред гласањето, Конзервативната партија на Џонсон има предност од 16 бода пред опозициската Лабуристичка партија.
Од претходната анкета спроведена пред осум дена поддршката за ториевците се зголеми за три бода, на 40 проценти, додека лабуристите останаа на 24 проценти.
Проевропската Либерално-демократска партија падна за еден процент на 15 проценти, додека партијата Брегзит на Најџел Фараж на 10 проценти.
Редовните избори во Британија се во 2022 година.