Американскиот министер за одбрана, Марк Еспер, е убеден дека воената Алијанса НАТО е подготвена да ги штити земјите од Источна Европа.
Еспер својот став го изрази за време на излагање преку онлајн конференциска врска во Институт Брукингс, Вашингтон во кое говореше и за надворешните предизвици на САД во епоха на пандемија.
Во НАТО постои растечка спремност да го заштити своето источно крило од потенцијална руска агресија – истакна Еспер.
Министерот, сепак, не прецизира дали ќе продолжат едни од најголемите воени вежби на северноатлантската Алијанса, „Дефендер 2020“. Вежбите се насочени во воениот театар на Источна Европа но беа прекинати откако САД запреа со испраќање војници и техника во март.
Еспер истакна дека НАТО е силна Алијанса која го зголемува буџетот за одбрана. Приоритет е развој на програмата „Четири по триесет“, која предвидува преку Атлантикот во Европа да се префрлат 30 баталјони, 30 ескадрили и 30 воени бродови во тек на 30 денови.
Во изминатите неколку години набљудуваме зголемена спремност на НАТО. Сметам дека да се има таква подготвеност е позитивно, како од гледна точка на постоечкиот потенцијал, така и по способноста за распоредување на тој потенцијал. И покрај пандемијата на Ковид-19, САД внимателно ги следат потенцијалните надворешни предизвици, како оние кои доаѓаат од Кина и Русија. Затоа Вашингтон презема повеќе чекори кон адаптација на новите реалности – изјави Еспер.
Министерот изјави дека влијанието на пандемијата врз воената подгтовеност на САД било мало и дека се прибегнува кон активно стратегиско планирање за да се избегне поголемо влијание во иднина.
Вооружените сили на САД бројат околу 2 милиони војници, а до денес од корона вирус се заболени помалку од 5.000. Од нив, помалку од 100 се хоспитализирани, а починале двајца.