Турција ќе ги остави границите отворени за мигрантите кои патуваат кон Европа се додека Европска Унија не ги исполни очекувањата на Анкара во врска со Договорот за мигранти од 2016 година.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска се обрати пред своите членови на Партијата за правда и развој во Парламентот и најави дека Турција ќе го достави својот предлог до ЕУ пред самитот на 26 март.
Според Анадолија, тој бара ЕУ да ја забрза финансиската помош за бегалците сместени во Турција, отворање на поглавјето за слободно движење и ревидирање на царинската унија.
Според Договорот за мигранти од 2016 година новите илегални мигранти и баратели на азил кои пристигнуваат од Турција кон грчките острови и чии барања за азил се прогласени за недопуштени, треба да бидат вратени во Турција. Во замена на тоа, за еден сириски бегалец на грчките острови кој ќе биде вратен во Турција, на еден сириски барател на азил во Турција ќе му се најде дом во Европа.