Свет 14. август 2018. / 12:11

Ердоган ќе го возвраќал ударот кон САД

Ердоган ќе го возвраќал ударот кон САД

Oдносите на Анкара и Вашингтон значајно се влошија во последно време, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес дополнително додал масло на огнот соопштувајќи дека ќе следи бојкот на електронските уреди од САД.

„Важно е да се одржи цврст политички став во екот на дипломатски судири со САД и падот на лирата“ рекол Ердоган.

„Во тек е економски напад на Турција. Во минатото, таквите работи се правеа скриено, а сега се отворени. Можеме да направиме две работи, економски и политички. Ќе преземеме мерки, Министерството за финансии работи деноноќно. Ќе ја бојкотираме електронската стока од САД. Тие имаат ајфон, но од друга страна тука е Самсунг. Имаме и локални брендови, тоа ќе го искористиме“, рекол турскиот претседател.

Лирата падна бидејќи инвеститорите се сомневаат дека турскиот претседател ќе успее да се избори со слабеењето на валутата и дипломатскиот спор со САД кој резултирал со удвојување на американските царини на увозот на челик и алуминиум од Турција.

Ердоган ја исклучил можноста за зголемување на референтни каматни стапки, што би можело да го забави економскиот раст, додека независни аналитичари наведуваат дека зголемување на тие стапки итно е потребно за стабилизација на турската лира. Новиот претседателски систем во Турција му овозможува на Ердган да изврши притисок на централната банка и да спречи зголемување на каматните стапки.