Свет 31. август 2018. / 15:23

Експлозија во најголемата руска фабрика за муниција – пожарникарите уште се борат со огнот, тројца загинати (ВИДЕО)

Експлозија во најголемата руска фабрика за муниција – пожарникарите уште се борат со огнот, тројца загинати (ВИДЕО)

Во големата фабрика за муниција во Нижњиновогородската област во Русија, дошло до голема експлозија, а во инцидентот има загинати и голем број на повредени лица.

Инцидентот се случил во погонот за производство на амонијак во компанијата „Свердлов“ во градот Џержинск, откриваат руските медиуми. Според прелиминарните информации, најмалку три лица го загубиле животот, а неколкумина се повредени. За уште три лица се трага, а се стравува дека би можеле да се наоѓаат под рушевините.

 

Од експлозијата избил пожар на површина од околу 100 квадратни метри кој што се ширел со голема брзина, па пожарникарите се обидуваат да го локализираат и изгаснат. Околностите на инцидентот моментално се разјаснуваат, пренесуваат руските медиуми.

Фабриката „Свердлов“ е една од најголемите фабрики за производство на муниција во Русија. Фабриката произведува широк спектар на индустриски експлозивни материјали, детонатори, алатки за дробење на тешки материјали во рударската индустрија и полнења за нафтената и гасната индустрија.