Бројот на потврдени случаи на корона вирус во Германија порасна за повеќе од 100 во саботата, достигнувајќи 795 заразени, во услови на зголемена загриженост за економското влијание на ширењето на епидемијата врз една од најголемите светски економи.
Вкупниот број заразени се зголеми за 10 пати од пред една недела кога беа регистрирани само 66 случаи. Ваквата бројка Германија ја прави втора по број на регистрирани случани на европско тло, после Италија.
Досега земјата нема регистрирано смртен случај од корона вирусот.
Загрижени сме за ранливоста на меѓународниот пазар за снабдување поради корона вирусот, вели Ола Калениус, главен извршен директор на Мерцедес Даимлер, предупредувајќи на можно враќање на економскиот национализам.
– Ваквите ситуации покажуваат колку се кревки глобалните снабдувачки синџири, рече тој за магазинот Дер Шпигел во изјава објавена во саботата, и додаде: Но, светот без глобалното споделување на работата ќе биде помалку успешен … Ние треба да го заштитиме (тој успех) додека ги проверуваме слабостите каде можеме да донесеме поголема безбедност во синџирот на снабдување.
Тој додаде дека Дајмлер повторно „постепено го засилува“ производството во Кина по застојот за кинеската нова година, која беше продолжена поради корона вирусот. Но, епидемијата ќе влијае на резултатите на компанијата.
– Сè уште не можеме да кажеме колкаво влијание ќе има, но јасно е дека и производството и продажбата ќе бидат погодени, додава Калениус.
Луфтханза, најголемата авиокомпанија во Европа во петокот објави дека ги намалува за половина летовите што ќе ги реализира во наредните недели, како резултат на ненадејното намалување на побарувачката.
Владата во Германија се спротивстави на повиците за директен економски стимул за да се спротивстави на ефектите од забавувањето на економијата, велејќи дека има средства да го стори тоа, но само доколку е неопходно, а се размислува за повеќе насочени мерки.
Весникот „Ханделсблат“ во саботата објави дека партиите во коалицијата на канцеларката Ангела Меркел разговарале за начините за да им се овозможи привремено олеснување за компаниите, да ги скратат работните часови на вработените, со тоа што ќе им ги остават трошоците за придобивките од социјалното осигурување.
На самитот на министрите за здравство во петокот, министерот за здравство, Јенс Спан советуваше за редуцирање на патувањата во погодените региони во странство и во земјата, споменувајќи ја особено германската држава Северна Рајна Вестфалија, каде се пријавени 346 случаи.