Свет 14. мај 2018. / 17:14

ЕК незадоволна од темпото на разговорите со Полска за владеењето на правото

ЕК незадоволна од темпото на разговорите со Полска за владеењето на правото

Европската Комисија (ЕК), која кон крајот на минатата година го активираше членот 7 за Полска поради загриженост за владеењето на правото, е незадоволна од темпото на разговорите со полските власти и предупредува дека „дијалогот не може да трае вечно“.

По првиот дел од денешниот состанок за општи работи на Европската унија, потпретседателот на ЕК, Франс Тимерманс, порача дека дијалогот со Полска за сега не дава задоволителни резултати.

– Не може да се каже дека проблемот за системската закана врз владеењето на правото е отстранет. Овој дијалог не може бескрајно да трае, треба да постигнеме заклучок и се надеваме дека ќе можеме да ги искористиме наредните две недели за изнаоѓање решение, изјави Тимерманс.

ЕК кон крајот на декември минатата година одлучи да го активира членот 7 од Лисабонската повелба против Полска, член кој, ако е одобрен од земјите членки, на крајот на процесот може да доведе до суспензија на правото на глас на Полска во Советот на ЕУ, клучното одлучувачко тело на Унијата.

Брисел смета дека владеењето на правото, демократијата и човековите права се загрозени во Полска откако на власт дојде националистичката партија Право и правда во 2015 година.

Тимерманс наведе дека ЕК до следниот самит на шефови на држави и влади на ЕУ ќе оцени дали и колкав напредок направила Полска.

– Можеби Полска ќе направи толкав напредок што нема да има веќе закана врз владеењето на правото или пак во спротивно ќе мора да побараме од Советот да организира сослушување каде и ЕК и Полска ќе ги презентираат своите позиции, сите можности измеѓу се опција.

Тимерманс оцени дека е постигнат напредок во разговорите во одредени делови.

– Главниот проблем е колкава политичка контрола може да имате за да можете да кажете дека судството е независно, и тука сме загрижени, порача потпретседателот на ЕК.

(МИА)