Свет 28. јули 2018. / 17:59

Египет: Судот изрече 75 прелиминарни смртни казни

Египет: Судот изрече 75 прелиминарни смртни казни

„Египетскиот суд денес изрече прелиминарни смртни казни за 75 осомничени лица кои се поврзуваат со протестниот камп во Каиро 2013 година, кој e насилно отстранет“, изјави судски извор, пренесува Anadolu Agency (AA).

Судот ги упати обвинетите на врховна верска власт кај Големиот муфтија, поради разгледување на смртните казни изречени поради различни обвиненија, од убиства, па до блокада на патиштата.

Египетскиот Закон од судовите бара пред правосилната пресуда за смртна казна случаите да ги упатуваат на разгледување кај Големиот муфтија, иако неговата одлука не е обврзувачка.

Судот го одреди 8 септември како датум за изрекување на правосилната пресуда.

Меѓу обвинетите се неколку лидери на Муслиманското братство, како што се Есам ал Ериан и Мохамед ел Белтаги, но и имамите Сафват Хегази и Ваџди Гонеим.

Египетската војска во средината на 2013 година во државен удар го собори легално избраниот претседател Мухамед Морси кој беше на власт една година. Во август истата година, безбедносните сили насилно го отстранија големиот камп во кој беа демонстрантите што го поддржуваа Морси на плоштадот „Рабаа ал Адавија“.

Официјалните проценки велат дека во насилното отстранување на кампот настрадале 632 лица, додека организациите за заштита на човековите права тврдат дека се убиени повеќе од 1.000 лица.

По соборувањето на Морси, египетските власти започнаа кампања против неговите поддржувачи, убивајќи стотици лица, додека илјадници се испратени зад решетки.