Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон прифати тримесечно одложување на Брегзит, но наведе дека тоа го прави против своја волја. Тој ја повика Европска Унија да не одобрува дополнително пролонгирање на излегувањето на Велика Британија од Унијата.
Џонсон во писмото упатено до претседателот на Европски совет Доналд Туск наведе дека според британските закони „нема право да направи што било освен да ја потврди формалната согласност на Велика Британија на продолжување“ на рокот за излегување од ЕУ.
Британскиот премиер во писмото до Туск ги повикува останатите 27 земји-членки на ЕУ да се погрижат да не биде возможно ново пролонгирање на Брегзит по 31 јануари.
Џонсон на 19 октомври побара тримесечно одложување на Брегзит до 31 јануари 2020 година, откако британскиот Парламент го обврза на таква постапка.
Туск претходно изјави дека земјите-членки на ЕУ го прифатиле барањето на Велика Британија и одобрија тримесечно одложување на Брегзит, што беше планирано за 31 октомври.