Свет 22. јуни 2018. / 21:59

Џенерал моторс му пркоси на Трамп: Шевролет ќе се прави во Мексико

Џенерал моторс му пркоси на Трамп: Шевролет ќе се прави во Мексико

Портпаролот на Џенерал моторс соопшти дека компанијата продолжува со својот план за производство на новиот автомобил Шевролет блејзер во Мексико, наспроти критиките на претседателот на САД, Доналд Трамп кон домашните компании, кои го селат производството на возила во странство.

Доналд Трамп врши притисок врз производителите на автомобили за повеќе возила да се произведуваат во САД, како дел од напорите во новите преговори да издејствува промени во Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА) во корист на САД.

„Остануваме посветени на работата со администрацијата за модернизација на НАФТА“, изјави портпаролот на Џенерал моторс, Пет Морисеј додавајќи дека одлуката за производство на возила во Мексико е донесена пред неколку години, пренесе Ројтерс.

Трамп претходно го критикуваше Џенерал моторс затоа што возилата ги произведува во Мексико а ги продава во САД.

Синдикатот на Обединети работници во авто-индустријата одлуката на Џенерал Моторс ја оцени како разочарувачка.

„Сето ова се случува во време кога работниците од Џенерал моторс и членовите на синдикатот тука во САД ги отпуштаат и немаат работа“, се вели во соопштението Обединетиот синдикат.

Производителите на автомобили сметаат дека успехот на преговорите на НАФТА договорот ќе им овозможи да го интегрираат производството ширум Северна Америка и би го направиле производството поконкурентно во однос на ривалите во Азија и Европа.

Трамп во неколку наврати се закани дека ќе ги повлече САД од овој договор, освен ако не биде преправен на начин кој ги фаворизира САД.