Петчлено семејство, вклучувајќи и едно дете, го изведе самоубиствениот бомбашки напад на полициска станица во Сурабаја, вториот по големина град во Индонезија, соопшти денес полицијата, еден ден по смртоносниот бран напади врз црквите изведени од друго семејство.
Серија бомбашки напади ја потресоа Индонезија, при што исламската држава ја презема одговорноста и за нападите на црквата и на полициската станица, зголемувајќи ги стравувањата од нејзиното влијание во Југоисточна Азија, со неостварувањето на идејата за калифат на Блискиот Исток.
Индонезија, која треба да биде домаќин на Азиските игри за само три месеци, долго време се соочува со исламистичките милитанти, вклучувајќи ги бомбашките напади во Бали во 2002 година, кога загинаа над 200 луѓе – претежно странски туристи – во најтешкиот терористички напад во земјата.
Безбедносните сили уапсиле стотици милитанти за време на континуираната операција со која се разбиле неколку мрежи, поновите напади биле на пониско ниво и насочени кон домашните безбедносни сили.
Но, ова се смени во неделата кога шестчлено семејство – вклучувајќи девојчиња на возраст од девет и дванаесет години – изведоа самоубиствени бомбашки напади на три цркви во утринските часови во Сурабаја, при што загинаа 18 лица, меѓу кои и бомбашите.
Во понеделник членови на друго семејство се разнесоа во полициска станица во градот, повредувајќи 10 лица.
„Имаше пет лица на два мотоцикли, едно беше мало дете“, рече шефот на националната полиција Тито Карнавиан. „Ова е едно семејство“.
Осумгодишно девојче од семејството го преживело нападот и е однесено во болница, додека нејзината мајка, татко и двајцата браќа починале во експлозијата, рече Карнавијан.
„Се надеваме дека детето ќе закрепне. Веруваме дека одлета околу 3 метри во воздух од ударот на експлозијата, а потоа падна на земја“, рече портпаролот на полицијата Франс Барунг Мангера, додавајќи дека брзо била однесена во болница, пренесе Ројтерс.
Децата, најверојатно, се одведени во смрт, несвесни за својата судбина, рече Аде Банани, од истражувачкиот центар на Универзитетот во Индонезија за полициски науки и студии за тероризам.
„Децата веројатно не знаеле што се случува или не разбирале“, рече тој, пренесе АФП.