Свет 31. јануари 2020. / 15:34

Двајца заразени од коронавирусот и во Русија

Двајца заразени од коронавирусот и во Русија

Русија ги регистрираше првите пациенти на кои им е дијагностициран Корона вирусот, потврди потпретседателката на руската влада, Татјана Голикова.

Таа откри дека станува збор за кинески државјани кои се ставени во изолација. Голикова додаде дека сите директни летови од Кина кон Русија ќе бидат прекинати од вечерва во 22:00 часот, освен летовите на националната авиокомпанија „Аерофлот“.

Русија во Кина ќе испорача медицински маски, а како што изјави Голикова, Москва не планира да го сопре поштенскиот и товарниот сообраќај од Кина.

Инаку, пациентите во Русија биле во стабилна здравствена состојба и без висока телесна температура, соопштија од федералната служба за заштита на потрошувачите „Роспотребнадзор“, пренесува руската новинска агенција „Спутник“.

Ова е објавено само еден ден откако руските власти потврдија дека ќе бидат затворени граничните премини со Кина.

Во меѓувреме Русија најави дека ќе започне со евакуација на своите државјани од кинеската провинција Хубеи каде се наоѓа најголемото жариште на смртоносниот Корона вирус.

Претходно во текот на денот беа пријавени и првите случаеви во Велика Британија и Италија. Од европските земји, Корона вирусот исто така е регистриран и во Франција, Германија и Финска.