Свет 16. октомври 2019. / 10:42

Двајца сириски војници загинале во гранатирања на турските сили на североистокот од Сирија

Двајца сириски војници загинале во гранатирања на турските сили на североистокот од Сирија

Најмалку двајца војници на сириската армија се убиени кога во текот на ноќта една турска граната паднала на сириска позиција на северостокот од Сирија, јавија воени набљудувачи, пренесе ДПА.

Сирискиот центар за човекови права (SOHR) со седиште во Велика Британија соопшти дека војниците загинале кога турските трупи и нивните сојузници гранатирале област источно од Аин Иса, каде претходно дојде до судири меѓу турските сили и Сириските демократски сили (СДФ), предводени од Курдите.

Очевидци за ДПА наведуваат во гранатирањето има и голем број повредени сириски војници.

Центарот, соопшти и дека во досегашните судири, исто така, има деветмина загинати борци на СДФ, но и 21 бунтовник, кои се поддржани од Турција.

Сириските владини сили во понеделникот се распоредија во курдските упоришта во североисточна Сирија, согласно договорот меѓу Курдите и Дамаск за спречување на турскиот упад, почнат на 9 октомври.

Турција го почна долго најуваната воена интервенција во северна Сирија против курдските милиции во Сирија, за кои Анкара вели дека се поврзани со забранетата Курдска работничка партија (ПКК) .

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави повлекување на американските војници од курдските области во близина на турската граница, што беше потег што се протолкува како зелено светло за инвазијата на Турција.  По таа одлука, СДФ, кои беа главниот американски партнер во борбата против Исламска држава, се почувствува предадени и напуштени од Вашингтон.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган инсистира на тоа дека со офанзивата само ја обезбедува границата на неговата земја, каде во тампон зоната сака да пресели еден до два милиона сириски бегалци.