Свет 26. април 2020. / 10:46

Државниот весник објавува пораки од Ким, додека цел свет шпекулира за неговиот живот

Државниот весник објавува пораки од Ким, додека цел свет шпекулира за неговиот живот

Додека светот ги следи информациите за здравствената состојба на лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун и се прашува што се случува во оваа земја, државниот весник „Родонг шимун“ редовно ги објавува неговите активности.

Изминатите денови државниот весник објави дека лидерот добил кошница цвеќиња од руската амбасада, но и дека Ким испратил повратен одговор до сирискиот претседател Башар Ал Асад.

Денеска, пак објавено е дека Ким во писмо изразлил заблагодарување на градежните работници кои работат на модернизација на градот Самјијон.

– Врховниот лидер Ким Џонг-ун се заблагодари на работниците кои искрено и со цело срце дадоа придонес на сосздавањето на градот Самјијон, пишува весникот, меѓутоа, не наведувајќи детали кога писмото е испратено и каде Ким се наоѓа.

Во овој град се родил таткото на Ким Џонг-ун, кој пред него владееше со земјата.

Последните неколку дена се појавија информации дека Ким бил подложен на кардиоваскуларна операција и дека по неа тој е во „вегетативна состојба“, но овие информации официјално не се потврдени.

Севернокорејскиот лидер не е виден во јавност од 11 април, кога одржа состанок на полит-бирото на Централниот комитет на Работничката партија на Кореја.

Исто така, Ким Џонг-ун не присуствувал на церемонијата на 15 април, кога се одбележува роденденот на неговиот дедо Ким Ил Сунг, оснивачот на Северна Кореја.

Дел од медиумите објавија дека тој е во кома откако на 12 април му беше извршена операција на срцето, додека на социјалните мрежи беше објавено дека Ким починал.

Ким Џонг-ун стана лидер на Северна Кореја со многу мало политичко и воено искуство. Тој се прогласи за „голем наследник“ по смртта на неговиот татко Ким Џонг-ил, кој почина во декември 2011 година.
Ким Џонг-ун по две недели од смртта на неговиот татко беше прогласен за лидер на Работничката партија на Кореја, на државата и армијата.

Тој во земјата има статус на божество и многу детали од неговиот живот се непознати, дури и датумот на неговото раѓање.

Ким Џонг-ун е најмладиот син на Ким Џонг-ил и неговата трета сопруга Ко Јонг-хуи, роден е 1983 или 1984 година. Тој студираше во Швајцарија, а по враќањето во Северна Кореја образованието го продолжи на Воената академија.

Ким првпат се појави во јавност на 15 април 2012 година за да одржи говор по повод стогодишнината од раѓањето на неговиот дедо, основач на Северна Кореја, Ким Ил-сунг. Тогаш јавно ја поддржа доктрината „војската на прво место“ и вети дека „засекогаш поминало“ времето кога некој може да и се заканува на Северна Кореја. Под негово водство продолжи севернокорејската нуклеарна програма.

Малку се знае за неговиот семеен живот. Од 2012 година Ким во јавност се појавува со Ри Сои-ју. За неа малку се знае, но се претпоставува дека била пеачка. Исто така постојат шпекулации дека Ким со неа има ќерка.

Иако во 2017 година Ким лансира неколку проектили, и тврдеше дека тестирани се интерконтинентални балистички ракети кои можат да погодат цели во САД. Тоа доведе до тензии со Вашингтон и зголемени санкции од страна на ОН.

Ким во 2018 година презема повеќе дипломатски активности, има средба со американскиот, јужнокорејскиот и кинескиот претседател.

Тој во своето новогодишно обраќање неочекувано понуди помирување со Јужна Кореја, истакнувајќи оти е отворен за дијалог и најави испраќање на национален тим на Олимписките игри во Јужна Кореја што се одржаа во февруари 2018 година. По дипломатските средби на Олимпијадата беа испратени спортисти од Северна и од Јужна Кореја под едно знаме. Во април Ким се сретна со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин во селото Панмунџон во демилитаризираната зона на Корејскиот Полуостров, при што беше потпишана Декларација за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров и за официјално потпишување на договор за крај на Корејската војна (1950-1953).

Истата година Ким побара подобрување на односите со САД, а во април се срета со американскиот претседател Доналд Трамп во Сингапур за денуклеаризација на Северна Кореја. Ким вети дека ќе ги стопира ракетните и нуклеарните тестирања во замена за укинување на санкциите, но не се откажа од нуклеарната програма. Односите помеѓу САД и Северна Кореја се влошија откако администрацијата на Трамп кога одби да ги укине санкциите кон Пјонгјанг се додека во целост не се откаже од нуклеарната програма.

Ким во јануари годинава изјави дека се откажува од ветувањето за прекин на вооружувањето и се закани дека „светот ќе биде сведок на ново стратешко вооружување“.

Како можна наследничка на Ким се споменува неговата помлада сестра, која во последните две години го пратеше на патувањата и собирите. Но, исто така се спомнува и неговата тетка Ким Кјонг-хуи, која не се појавува во јавност откако Ким нареди да се убие нејзиниот сопруг.