Свет 16. јуни 2020. / 23:00

Доналд Трамп попушта пред протестите: Потпиша указ за реформи во полицијата

Доналд Трамп попушта пред протестите: Потпиша указ за реформи во полицијата

Во време кога ширум САД има масовни антирасистички демонстрации против полициската бруталност, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша указ со цел подобрување на полициското однесување.

По неколку недели протести предизвикани од смртта на Џорџ Флојд, Афроамериканец убиен на 25 мај за време на полициско апсење во Минеаполис, Трамп понуди промена на политиката како одговор на зголемената загриженост за расната неправда пред претседателкските избори на 3 ноември.

Американците сакаат закон и ред, тие бараат закон и ред – порача Трамп при потпишувањето на уредбата пред Белата куќа.

Републиканскиот претседател изрази сочувство до семејствата на жртвите од неодамнешното полициско насилство и им вети правда.

Регулативата ги охрабрува полициските администрации да воведат најнови стандарди за употреба на сила, да го подобрат споделувањето на информациите за да не ангажираат полицајци со лоши референци и оние чии потекла не се познати и да ги ангажираат социјалните работници во ненасилни случаи со зависници од наркотици и бездомници.

Трамп повтори дека се спротивставува на повиците за намалување на средствата во полицијата или за распуштање на некои полициски управи.

Тие иницијативи беа поддржани од водечките демократи, вклучувајќи го и кандидатот за претседател Џо Бајден, додека наидоа на жестоко спротиставување кај републиканците.

Претставничкиот дом во кој мнозинство се демократите треба да гласа подоцна подоцна овој месец за серија закони предложени од црните пратеници со цел спречување полициска бруталност.

Републиканските сенатори се очекува в среда да ги презентираат своите законодавни предлози кои се повеќе насочени кон прибирање податоци отколку за промена на правилата за употреба на смртоносна сила.