Министерот за разузнавање на Иран, Махмуд Алеви, соопшти дека се приведени десетици агенти (шпиони) кои во државните институции спроведувале активности за странски држави, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерот Махмуд Алеви, како гостин на Иранската државна телевизија, даде оценка на програмата за национална безбедност на Иран.
Алеви за Државната телевизија соопшти дека во државните институции се приведени десетици лица кои спроведувале активности за странски држави, но притоа не даде подетални информации за земјите за кои работеле лицата и во кој период се спроведени приведувањата.
Покрај тоа, министерот Алеви соопшти дека еден член на Кабинетот на непријателска земја работел за разузнавачката служба на Иран, но не даде информации за кој министер станува збор и од која земја. Се претпоставува дека станува збор за поранешниот израелски министер за енергетика, Гонен Сегев, кој пред кусо време беше обвинет за шпионажа во име на Иран.
Министерот Алеви додаде дека во земјата ги утврдиле лицата што имаат двојно државјанство и се наоѓаат на високи функции, по што се отстранети од нивната должност.
Иран, за разлика од многу други земји, не го прифаќа двојното државјанство и на лицата што го поседуваат не им дозволува да работат во јавни институции.