Двајцата потпретседатели на Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј, Бен Бредли и Марија Колфилд, денеска поднесоа оставки на функциите несогласувајќи се со владиниот предлог за идните односи со ЕУ по Брегзит.
Како што јави Би-Би-Си, двајцата ториевски потпретседатели поднеле оставки „во знак на протест против планот од Чекерс“.
Британската Влада во петокот одржа седница во Чекерс, на која беше утврден планот за преговорите со ЕУ за излез на земјата од блокот, со кој се предвидува создавање на зона на слободна трговија меѓу Велика Британија и Унијата по Брегзит.
Би-Би-Си оценува дека иако Бредли и Колфилд не се многу познати во јавноста, сепак нивните оставки претставуваат предупредување до Меј дека незадоволните конзервативци „се во состојба да и нанесуваат штети, ако не го промени својот курс“.
Вчера поради несогласување со планот од Чекерс оставки поднесоа и министрите за надворешни работи и за Брегзит, Борис Џонсон и Дејвид Дејвис.
МИА