Свет 28. октомври 2019. / 11:03

Демонстрантите во Либан со автомобили ги засилуваат барикадите

Демонстрантите во Либан со автомобили ги засилуваат барикадите
Демонстрантите во Либан ги засилија блокадите на приодите кон главниот град , Бејрут, поставувајќи десетици возила на средина од улиците крај барикадите што стојат повеќе од десет дена.
Дополнителната радикализација на протестите доаѓа само еден ден по спектакуларното покажување на единството меѓу демонстрантите кога беше формиран човечки синџир долг 170 километри. Синџирот се протегаше долж средоземниот брег на оваа земја, од север кон југ, со што  демонстрантите сакаа да покажат одлучност да не се откажат од своите барања.
Протестите во Либан траат од 17 октомври, од кога демонстрантите бараат заминување на актуелната политичка гарнитура во власта во земјата, која ја сметаат за целосно неспособна и корумпирана. Бројни политички лидери веќе повикаа на отстранување на барикадите, за да се овозможи продолжување со редовните активности, но социјалните мрежи се преплавени со повици за нивно засилување.
Автопатот долж брегот меѓу Бејрут и Триполи, голем град на север од земјата, утринава на повеќе места беше „херметички“ затворен со десетици возила попречени на патот. Блокади се појавика и на автопатот што ги поврзува главниот град со југот на земјата.
Протестите денеска влегуваат во својот 12-ти ден, а излезот воопшто не е на повидок.
Војската, која излезе од касарните во некои сектори од земјата, засега останува неутрална.
Бесот на демонстрантите експлодира по објавување на новиот данок за повици на „Вацап“ (WhatsApp) и иако данокот веднаш беше укинат тоа не ги спречи луѓето незадоволството од политиката да го прелеат низ целата земја.