Од полноќ во САД стапи на сила делумна блокада на работата на Владата, по неуспешните преговори на републиканците и демократите и претседателот Доналд Трамп околу тоа Конгресот да додели пет милијарди долари за изградба на ѕид на границата со Мексико.
Лидерите на Конгресот и Белата куќа ветија дека ќе ги продолжат преговорите за време на викендот со цел да се договорат и да нема блокада на работата на Владата во пресрет на божиќните празници.
Во петокот на полноќ заврши буџетското финансирање на низа федерални агенции.
Трамп во четвртокот „ги притисна“ републиканските пратеници во Претставничкиот дом на Конгресот да го искористат законскиот предлог за краткорочно финансирање на дел од администрацијата како инструмент низ него „да провлечат“ пет милијарди долари потребни за подигнување на ѕид на границата, и покрај противењето на демократите.
По гласањето во Претставничкиот дом, претседателот на Одборот за буџет, Родни Фрелингојсен го повика Сенатот да ја усвои одлуката за продолжување на финансирањето и „да се спречи блокадата на Владата“, но не наиде на поддршка.