Свет 18. јули 2018. / 13:01

Децата од тајландската пештера денеска излегуваат од болница

Децата од тајландската пештера денеска излегуваат од болница

Денеска се очекува децата кои се спасени од тајландската пештера, каде беа заглавени полни 18 дена, да бидат пуштени од болницата.

Конференцијата за новинари, со 12 деца и нивниот фудбалски тренер, закажана е за вечерва, во северниот град Чианг Раи, каде децата заздравуваат во болница, уште од минатата седмица.

Конференциската сала, која ќе биде местото каде ќе се одржи конференцијата за новинари, украсена е како фудбалско игралиште.

Портпаролот на владата во Тајланд, рече дека доктори, социјални работници, како и психолози, ќе учествуваат на конференцијата за новинари, за да ги филтрираат прашањата, со цел децата да не се најдат во незгодна ситуација.

На медиумите нема да им биде дозволено да ги испитуваат децата, откако ќе заврши конференцијата за новинари.

Фудбалскиот тим „Wild Boars“ влезе во пештерата Там Луанг на 23 јуни, после еден тренинг на тимот. Дождот започна да паѓа додека тие беа под земја, а водата ја наполни пештерата и ги затвори сите можни излези од неа.

Спасувачите ги пронајдоа децата девет дена подоцна, кои се наоѓаа на сува површина во пештерата. Меѓународниот тим на спасувачи, кои користеа опрема за нуркање и кациги, успеаја да ги извадат 12 деца и нивниот фудбалски тренер преку поплавените премини, па операцијата беше завршена на 10 јули.

Некои од децата во болницата примија терапија поради помали инфекции, но сите 12 деца успешно заздравуваат. Семејството на едно од децата, го подготви својот дом за враќање на момчето, веднаш по денешната конференција за новинари.

Банпот Конкум, вујкото кој се грижи за едно од момчињата кои беа заглавени во пештерата, рече дека сега ќе го пречека со нова спална соба и многу подароци.

„Ќе направиме онака како што тој сака. Ако сака нешто, ние тоа ќе му го купиме како подарок, бидејќи ветивме дека кога ќе излезе ќе добие се што сака, ќе направам се за него“, рече Банпот.